Успението на Богомајката
г. Јосиф, Митрополит Тетовско – гостиварски 27.08.2017 г.
Успението на Богомајката
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Гледајќи го ангелите Успението на Пречистата – се уплашија,
бидејќи Дева се вознесува од земјата на небото
Драги браќа и сестри,
Во оваа приквечерина, Богомајката, Која е и сечија наша Мајка нѐ собра во оваа манастирска црква од сите краишта – како и светите апостоли пред нејзиниот успенски одар соборно да го прославиме Нејзиното светло Успение – празник, во кој на прв поглед си спонуваме за тажен настан, но тој не внесува тага во нашите срца и души, туку буди радост во нив. За светата Црква овој празник е прослава. И таа празнична радост и благодат се чувствува во овие мигови во ова наше светилиште, во овој манастир, кој од година во година воскреснува како феликс од пламенот и прераснува во едно прекрасно место, кое сите нѐ сплотува и облагодатува, а тоа денес се гледа од бројот на големото мноштво на сите вас присутните, кои дојдовте да и ја оддадете заслужената почит на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија.
Во овие молитвени мигови се сеќаваме на крајот од земниот живот на Пресвета Богородица, на Нејзиното сечесно Успение, вознесение и воскресение на небесата во неискажлива слава. И навистина после Господа Исуса Христа, Втора Личност, Која беше удостоена со тело да застане до величието на Троичниот Бог, е Пресветата Богомајка. Со тоа Таа ни го предвести она што ќе се случи и со сите нас при Второто Христово доаѓање.
Денес нејзиното мртво тело е положено во одар. Околу неа се собраа многу набожни жени. Ете ги и богоносните апостоли, кои на Божји глас одозгора се собираат од сите краишта на светот, освен апостолот Тома, кој според Божјата промисла изостанал за да ја открие тајната на Богородичното вознесение. Сите молитвено стојат околу Богородица и пеат погребни песни, а безбројните ангели, гледајќи го блаженото Успение, со восхит, воскликнуваа: „ Дева од земјата на небо се вознесува“ .
Возљубени во Господа, браќа и сестри,
Денешниот празник посветен на Успението на Пресвета Богородица – треба да ни е пример и настан за поука. Во оваа светлозрачна ноќ да размислуваме за нашето лично учество во овој празник. Да се поучиме од светиот живот на Дева Богородица. Многу и премногу секој верник може да се поучи од Нејзиниот живот. Да го следиме Нејзиниот обичај да ги посетува светите места, па и вие драги браќа и сестри колку што можете почесто посетувајте го овој свет манастир од љубов кон Нејзиниот Син и наш Бог и Спасител Господа Исуса Христа. Манастирите и манастирските дворови се за Божјиот народ, кој ја сочинува светата Црква. Жално е да биде овој манастир празен, затоа да се потрудиме секојдневно да го пазиме како зеница, бидејќи манастирите биле тие што не одржале и не одржуваат во нашиот духовен живот.
Денес се претстави Мајката на Животот во предвечниот живот. Се искачува Мајката на нашиот Господ Бог од долниот Ерусалим во горниот и небесниот град на вечното Христово царство. Денес пресветлиот облак се искачува кон непристапната светлина на бестелесните сили. Кон Неа сега да ги пренесеме нашите молитви, зашто таа е нашата Застапница пред Бога. Богородице Мајко, знаеме дека и сега непрестајно се молиш за нас што го почитуваме Твоето Пресвето Успение, изгонувајќи секакви страдања и лекувајќи болести, растурајќи искушенија и уништувајќи ереси, подавајќи му здравје на светот и Царството небесно, молејќи од Синот свој небесниот Исус Христос, Нему да е секоја слава, чест и поклонение со Неговиот Беспочетен Отец и со Пресветиот и Животворен Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.
За многу години – нека е празникот! Дај Боже секоја година колку може во поголем број и соборно да го започнуваме празнувањето на овој празник! Бог по молитвите на Пресвета Богородица да Ве благослови!